Оптимизмот во технолошкиот сектор и намалувањето на каматните стапки на Европската централна банка го поддржаа општото закрепнување на пазарите на акции минатата недела, додека цената на златото достигна рекордни нивоа.
Пазарите на акции забележаа значителни добивки минатата недела, главно закрепнувајќи од загубите на почетокот на месецот кога S&P 500 го претрпе најлошиот неделен пад од март 2023 година. Цените на акциите беа зголемени со обновената доверба во технолошките акции, благодарение на оптимистичките предвидувања на извршниот директор на Nvidia, Јенсен Хуанг за побарувачката за нивните Blackwell чипови на технолошката конференција Goldman Sachs. Акциите на компаниите поврзани со вештачка интелигенција ги искористија позитивните изјави, при што технолошкиот берзански индекс Nasdaq доби скоро 6% во текот на изминатата недела, додека реперот S&P 500 порасна за повеќе од 4% и речиси го достигна рекордното високо ниво во јули. Европскиот берзански индекс STOXX Europe 600 ја заврши неделата за 1,9% повисоко, а растот на вредноста на европските акции беше поттикнат и од намалувањето на каматните стапки од страна на Европската централна банка (ЕЦБ).
Цената на златото достигна нова рекордна вредност од 2.583 долари за унца. Инвеститорите со нетрпение чекаат американската централна банка (ФЕД) да ја намали референтната каматна стапка оваа недела за прв пат по повеќе од четири години. Растот на побарувачката на злато е резултат на олабавувањето на монетарната политика од страна на централните банки и инвеститорите кои се вртат кон сигурни инвестиции поради глобалните геополитички конфликти. Од друга страна, побарувачката за енергија се повеќе се намалува и цената на нафтата од типот брент минатата недела падна под 70 долари за барел за прв пат од 2023 година. Сепак, ураганот Франсин, кој предизвика прекин на голем дел од производството во САД, спречи голем пад на цената и како резултат на тоа цената на нафтата ја заврши неделата со раст од 0,8%. Цената на суровата нафта падна за речиси една петтина овој квартал, главно поради загриженоста дека успорувањето на растот во двете најголеми економии, САД и Кина, ја намалува побарувачката на енергија во услови на прекумерна понуда на нафта.
ЕЦБ ја намали референтната каматна стапка по втор пат годинава на 3,5%, овој пат за четвртина процентен поен, што беше во согласност со очекувањата на пазарните учесници. Падот следеше по знаците за успорување на економскиот раст и намалување на инфлацијата во еврозоната. Инфлацијата се приближува до целта од 2%, додека економскиот раст во Европа повторно успорува по краткото закрепнување на почетокот од годината, бидејќи производствениот сектор продолжува да страда од високите трошоци за енергија и слабата побарувачка надвор од еврозоната. Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард истакна дека ЕЦБ би можела да размисли за дополнително намалување на каматните стапки на следниот состанок во октомври доколку дојде до голем економски пад, но таа се стреми кон намалување дури во декември.
Поради тешкото економско опкружување, германските производители на автомобили тонат во се подлабока криза. По Volkswagen, овој пат во неволја се најде и BMW, кој откри дека ќе мора да повлече 1,5 милиони возила поради дефекти во системите за сопирање испорачани од Continental AG, што ќе ја чини компанијата речиси 1 милијарда евра. Клиентите почнаа да пријавуваат проблеми со сопирачките уште во јуни 2022 година, но BMW дури пред еден месец го сфати обемот на проблемите. Покрај проблемите со сопирачките, BMW се соочува со помала побарувачка за автомобили во Кина и за мотоцикли на нејзините клучни пазари, што го принудува да ги намали прогнозите за идните приходи и профитабилност. Повлекувањето е исто така голем удар за Continental, која веќе се бори со големото реструктуирање, поради што укина 7.000 работни места. Покрај тоа, компанијата е под истрага за сомнителни картелски аранжмани, а во април беше казнета со 100 милиони евра поради вмешаност во скандалот со емисиите на дизел гориво. Continental снабдува и други производители со системи за сопирање, но рече дека проблемот е специфичен за возилата на BMW. Како резултат на тоа, цената на акцијата на BMW падна за 6,2% изминатата недела, додека акциите на Continental загубија 8,5% од вредноста.
Спротивно на тоа, шпанскиот моден гигант Inditex пркоси на ослабената потрошувачка на европскиот потрошувач. Компанијата, позната по брендот Zara, во првите шест месеци од оваа година оствари раст од 10% во однос на истиот период лани, генерирајќи рекордна продажба од 18 милијарди евра. Добивката во првата половина од годината изнесува 2,8 милијарди евра и ги надмина очекувањата на инвеститорите. Цената на акциите на компанијата се зголеми за 8,1% изминатата недела за да го достигне највисокото ниво на сите времиња.