Покрај неодамнешното значително намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка ФЕД, минатата недела растот на повеќето берзански цени беше дополнително забрзан од мерките за стимулирање на слабиот економски раст во Кина.
Оптимизмот, како резултат на кинеските мерки, се почуствува и на американските берзи. Така, двата главни американски берзански индекса, Dow Jones и S&P 500, минатата недела достигнаа рекордни вредности. Очекуваниот раст на побарувачката на кинескиот пазар најмногу ја поттикна цената на акциите од хемиската и основната индустрија. Надпросечен принос повторно остварија акциите на технолошките компании. Со својот раст се истакна Nvidia, иако тргувањето во петокот заврши малку негативно бидејќи повторно се појави стравот од доцнење на нивните нови генерации на чипови - Blackwell. Меѓу технолошките акции треба да се споменат уште двајца производители на чипови, а тоа се Micron Technology и Intel. Цената на акцијата на првиот во четвртокот скокна за 15% по објавата на одличните резултати и подобрените очекувања, додека акциите на Intel, по долг период на пад, пораснаа благодарение на шпекулациите за можен преземач - Qualcomm.
Макроекономските податоци во САД беа мешани, бидејќи беше објавено дека индексот што ја мери довербата на потрошувачите во август повторно паднал и сега е блиску до најниската точка во последните две години. Исто така, индексот за перцепција на условите на пазарот на трудот падна на 81,8, што се приближува до границата од 80, а тоа во претходните циклуси сигнализираше рецесија. Од друга страна, податоците за индексот на раст на потрошувачките цени (PCE) беа подобри од очекуваното. Овој индекс го зема во предвид американската централна банка при формулирање на својата политика, што ѝ дава малку повеќе простор за можни дополнителни намалувања на каматните стапки. Позитивна вест за намалувањето на инфлацијата е и падот на цената на нафтата, што се случи откако Саудиска Арабија објави дека се откажува од целната цена од 100 долари за барел нафта и ќе се фокусира на зголемување на пазарниот удел. Цената на златото, пак, не покажуваше знаци на смирување и минатата недела повторно достигна рекордни вредности.
Најмногу пораснаа берзите во Кина, како резултат на големите монетарни (намалување на каматните стапки и задолжителната банкарска резерва) и најавените фискални мерки. На пример, индексот CSI 300 е повисок за 15,7%. Мерките вклучуваат намалување на коефициентот на задолжителни резерви за 50 базични поени, намалување на краткорочната каматна стапка за репо трансакции на 1,5% и на среднорочното кредитирање на 2%. Покрај тоа, Кина се обврза и на дополнителни фискални мерки кои треба да обезбедат постигнување на целната стапка на економски раст од 5%. Се чини дека пазарите веруваат во барем краткорочен позитивен ефект од овие мерки за подобрување на релативно слабата економска ситуација во Кина. Сепак, нивната долгорочна ефикасност останува непозната.
И во Европа сите поважни берзански индекси имаа позитивна недела (DAX и STOXX 600 ја завршија неделата со рекордни вредности). Причината за растот е слична на онаа во другите светски региони, бидејќи најмногу пораснаа акциите на компаниите кои извезуваат повеќе во Кина. Посебно се истакнаа акциите на производителите на луксузни производи, а привремено запре и падот на цените на акциите на производителите на автомобили. Акциите на германскиот производител на чипови Infineon, исто така, пораснаа за 12%. Макроекономските податоци беа помалку оптимистички од податоците за пазарот. Производствената активност во еврозоната (мерена со PMI индексите) неочекувано се намали во септември во споредба со август, главно поради Германија, каде индексот падна од 42,3 на 40. Меѓу поголемите европски земји, Обединетото Кралство имаше подобри податоци, забележувајќи раст и во услужниот и во производствениот сектор, но сепак треба да се внимава на трендот на забавување. Според податоците објавени минатата недела, инфлацијата во Европа се намалуваше побрзо од очекуваното, што дополнително отвора простор за идни намалувања на каматните стапки. Минатата недела швајцарската и шведската централна банка веќе ги намалија каматните стапки за 25 базични поени. Двете централни банки, исто така, ја навестија можноста за дополнителни намалувања до крајот на годината.